Трајчевска: Позитивна атмосфера, карактер и борбен менталитет

38

Женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија го одработува и вториот ден од подготовките за квалификациските средби за пласман на Евробаскетот во 2025 година.

Македонија прво ќе ја пречека репрезентацијата на Украина во натпревар закажан за 7 ноември во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје (влезот е бесплатен), а три дена подоцна, ќе ја нагостиме и репрезентацијата на Португалија, на истото место, и во ист термин.

Една од најискусните кошаркарки во нашата женска национална селекција Нена Трајчевска ги пренесува своите очекувања во пресрет на дуелите со Украина и Португалија:

„Пред сѐ, после цела година, убаво чувство е повторно да се собереме дома со овие девојки. Уште поубаво што и двата натпревари ги играме на домашен терен. Немаме многу време за спремање. Украина и Португалија се комплетни тимови и доаѓаат во Скопје со полн состав и да победат.  Нема да е лесно, ја имаат фаворитската улога, но, ние сме навикнати на тоа, нема да ни пречи. Како и секогаш, очекувам да имаме позитивна атмосфера, карактер и менталитет за борба, од првата до последната минута на двата натпревари, кои здравје би ги крунисале со победи“- истакнува Трајчевска пред продолжението на квалификациската трка во која досега имавме два порази.

ПретходноИстрага во Шведска за наместен меч (ВИДЕО)
СледноПознати сите осум тенисери кои ќе играат на завршниот Мастерс во Торино