Одбојкарките на Работнички вечерва (19 ч.) во романски Блај ги продолжуваат европските настапи, овој пат во рамките на Купот на ЦЕВ. По двете средби со романскиот шампион Волунтари во Лигата на шампионите, избраничките на тренерот Душко Деспотовски денеска ќе ги одмерат силите со романскиот вицепрвак Алба Блај.
Со оглед на тоа што Работнички оваа сезона ја почна без странски засилувања и со чисто домашни сили, јасно е дека силниот состав на Алба Блај е голем фаворит на двомечот, но ова ќе биде уште едно големо искуство за овие одбојкарки, кои полека се наметнуваат и во европски рамки, па две од најдобрите одбојкарки на шампионот веќе започнаа и интернационална кариера.
За Работнички денеска ќе биде најважно да одигра еден квалитетен меч и да акумулира уште поголемо европско искуство, што сигурно ќе биде од исклучително значење и за клубот кој полека се враќа во Европа, но и за самите одбојкарки од кои најголемиот дел се и наши сениорски репрезентативки.
Реваншот е за седум дена во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.