Македонската машка ракометна репрезентација вечерва (20 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ го почнува походот за пласман на Европското првенство 2026 година. Прв противник на избраниците на селекторот Кирил Лазаров во овие квалификации е Естонија.
Македонија на оваа средба е фаворит, со оглед на тоа дека има далеку поголемо искуство на големите натпреварувања и во квалификациите за истите, но и според претходните меѓусебни пресметки. Естонија не знае за победа против Македонија.
Последен пат Македонија и Естонија играле во 2011 година, исто квалификации за едно Европско првенство, нашите момци славеле на гостински терен со убедливи 25-31.
Вкупниот биланс во претходните шест мечеви е четири победи за македонската репрезентација и две ремија. Четири меча од вкупните шест одиграле во квалификации за ЕП, а тука Македонија има три победи и едно реми.
Покрај Естонија, во група со нашите ракометари се селекциите на Литванија и Словенија. Првите две земји од секоја група ќе го заверат својот евро-билет за 2026 година.