Кошаркарите на Пелистер се враќаат на прволигашката сцена, со денешниот натпревар што во 17.30 часот ќе го играат против Феникс 2010. Според календарот мечот требаше да се игра во Скопје, двата клуба се договорија за промена на домаќинствата па така денешниот дуел ќе биде одигран во Битола, но за жал без присуство на публика поради бесмислената казна од федерацијата за инцидентот што го направија членовите на раководството на Кожув.
Целта на нашиот тим е повеќе од јасна, со триумф над Феникс да се продолжи трката за највисок пласман. Противникот има само една победа во првите пет рунди сезонава, но тренерот Петровиќ и неговите избраници се свесни станува збор за талентирана екипа што никако не смее да биде потценета.
„Играме против ривал кој не ја почна сезоната како што очекуваше. Пред нивниот последен меч ги напуштија двајца кошаркари и тоа им го наруши ритамот, но тоа воопшто не значи дека Феникс ќе биде наивен противник и дека ние лесно ќе стигнеме до победата. Ниту еден ривал не смее да биде потценет, наша цел е да одиграме на високо ниво во текот на сите 40 минути и уште повеќе да ја кренеме формата пред наредните предизвици“, вели тренерот Александар Петровиќ.
Добра вест за тимот е што Андрија Бојиќ се рехабилитираше од повредата и се приклучи на тренинзите на „зелено-белите“.
„Бојиќ е важен играч во нашиот тим и неговото отсуство остави трага врз играта и резултатите изминатиот период. Цел месец беше во аут и секако дека беше одлично што вчера почна да тренира со остатокот од тимот. Паузата го има сторено своето, јасно е дека ќе му треба време, но за нас е многу важно што Бојиќ ќе биде тука за да има своја улога на наредните натпревари“, истакнува Петровиќ.