Македонската машка ракометна репрезентација денеска заминува за Литванија каде утре го игра вториот квалификациски дуел за пласман на Европското првенство 2026 година.
После триумфот над Естонија, нашите момци се свесни дека мора да бидат претпазливи, особено што играат на гостински терен. Целта е јасна – победа и на оваа средба што би значело и чекор напред до пласман на ЕП 2026.
„Не сакаме еуфорично да влегуваме во натпреварот, претпазливи сме бидејќи ни е јасно дека нема да биде нималку лесно. Литванците со одличната игра во првото полувреме целосно парираа на Словенија, покажувајќи дека се квалитетна репрезентација. Секогаш е тешко кога се играат квалификациски натпревари на гостински терен, тоа ни е повеќе од јасно, за да се триумфира мора да се биде максимално фокусиран во текот на сите 60 минути. Го анализиравме противникот и се подготвувавме за оваа средба, секако дека ќе сториме се за да славиме бидејќи знаеме дека триумф во Литванија би значел и огромен чекор напред кон билет за ЕП“, изјави Иван Џонов во пресрет на дуелот со Литванците.