Струга ТЛ вчера во меч од 14.коло во ПМФЛ успеа со 1:0 да го победи Работнички и да му го нанесе првиот пораз сезонава на тимот од Дебар Маало. Со оваа победа шампионот ја продолжи и позитивната серија, имено на последните четири средби од 12 можни бода освоени се дури 10, па сега Струга ТЛ и тоа како се прашува во битката за титулата. Сега е само на – 2 бода од водечките Шкендија, Гостивар и Силекс.
Свој коментар по оваа победа има стратегот на Струга ТЛ, Ќатип Османи:
„Оваа победа ни беше потребна за да го одржиме континуитетот на победи, но пред се чекорот за чело на табелата. Можеби товарот за победа на натпреварот си го направи своето, бидејќи правевме грешки во позиционирањето, но и во додавањата одвреме навреме, но важно е што тимот не прими гол и пред се, на крајот ние ги добивме трите бода што ги баравме. Најважно е што ги освоивме трите бода“ истакна Османи.