Гостивар со една петорка за малку ќе направеше сензација во Скопје

240

Кошаркарите на Гостивар со само една петорка за малку ќе направеа сензација во Скопје на дуелот со шампионот МЗТ Скопје А. во рамките на 6 коло од домашното првенство. Гостиварци успеаја да го однесат мечот во продолженија, откако во регуларниот дел успеаја да стигнат до 88:88 на гостувањето во „Јане Сандански“. Сепак, во дополнителните 5 минути не успеаја да ја заокружат сензацијата, откако останаа без двајца кошаркари поради пет лични грешки (Роудс и Соколов). На крајот МЗТ Скопје победи со 96:90.

Интересно е што составот на тренерот Малинко скоро сите 45 минути ги одигра со една петорка на теренот, за разлика од широката ротација на домашниот стратег Атанасов, која не донесе кој знае каква предност. МЗТ Скопје беше за нијанса подобар во првата и третата четвртина, додека Гостивар одигра одлично во втората и четвртата.

За МЗТ Скопје ова беше четврта победа сезонава, додека Гостивар веќе запиша четврти пораз. Најефикасен во домашниот состав беше Копривица со 22 поени, додека кај Гостивар Митевски постигна 27, Роудс имаше 24, додека Грушановиќ заврши со 21 поен.

ПретходноКосово и зема бод на Холандија, Италија ја победи Србија!
СледноВажна победа за Џирона, 73 минути за Миовски