Со специјален настан во Куманово одбележани 250 дена до почетокот на Европскиот Младински Олимписки Фестивал 2025

40

Во рамки на прославата на Денот на град Куманово (11.11.2024), Општина Куманово организираше специјален настан на кој беше одбележан и стартот на одбројувањето од 250 дена до почетокот Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) 2025, што ќе се одржи од 19 до 26 јули во Македонија. Во присуство на бројни граѓани, свечено беше откриена и официјалната маскота на фестивалот, Shiny, која јавноста ја избра преку онлајн гласање што заврши вчера.

 

На настанот присуствуваше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, како и претставници на организацијата на ЕМОФ 2025. Беше истакната важноста на фестивалот за градот и регионот, потенцирајќи дека ова претставува уникатна можност за Куманово да биде дел од голем европски спортски настан кој ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа и ќе ја промовира спортската култура и меѓународната соработка.

 

Маскотата Shiny, симбол на младинскиот спорт и олимписките вредности, ќе биде присутна на сите настани и активности поврзани со фестивалот, потсетувајќи ги сите на значењето на спортот, пријателството и единството. Оваа маскота ја избра јавноста и ќе биде инспирација за сите млади спортисти кои ќе учествуваат на ЕМОФ 2025.

 

Во рамки на програмата, официјалните претставници на ЕМОФ 2025 направија обиколка на главната спортска сала во Куманово, каде што ќе се одржат кошаркарските натпревари.

 

Дополнително, делегацијата ја посети и планинската велосипедска патека во придружба на Емил Цветанов, натпреварувачки менаџер за планински велосипедизам на ЕМОФ 2025. Оваа патека, која нуди предизвици и извонредни природни пејзажи, ќе биде место за атрактивните велосипедски натпревари на фестивалот, привлекувајќи млади велосипедисти од различни земји и истакнувајќи го потенцијалот на Македонија за спортски туризам.

 

Настаните за одбележување на ЕМОФ 2025 ќе продолжат, подготвувајќи ја Македонија за овој голем меѓународен спортски фестивал, кој ќе привлече повеќе од 4,000 млади спортисти и ќе понуди уникатна платформа за културна размена и соработка.

ПретходноСојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 Ноември“, Дарио Ивановски спортист на годината
СледноБојан Илиевски повикан за А репрезентацијата на Македонија