Шпанец на клупата на Пелистер

194
Пелистер го промовираше новиот тренер. Станува збор за шпанскиот стратег Раул Алонсо, кој доаѓа на местото на Бранислав Ангеловски. Тој потпиша договор до крајот на оваа сезона и следната. За првпат во историјата битолскиот тим ќе работи според познатата шпанска школа која засега во Европа носи резултати.
„Ни претставува особено задоволство да ви го претставиме нашиот нов предводник, кој доаѓа од земјата на ракометот. За првпат во историјата Еурофарм Пелистер ќе има шпански тренер на клупата и ќе работи по методот на добро познатата шпанска школа. Од денес наш нов тренер е Раул Алонсо, кој потпиша договор до крајот на оваа и наредната сезона, заклучно со јуни 2026 година.
45-годишниот Раул Алонсо голем дел од својата ракометна кариера како тренер ја мина во Германија. Тој работеше во Обернбург, Рајн Мен Бинен, а од 2010 до 2015 година беше дел од стручниот штаб на големиот Кил. Со „зебрите“ стана двоен европски првак како асистент на Алфред Гисласон, а заедно освоија и серија на домашни трофеи од Бундеслигата, Купот и Суперкупот на Германија. Потоа стана директор на академијата на Кил, а напоредно работеше и во Германската ракометна федерација. Самостојна кариера почна во Австрија, каде со успех го водеше Тирол.
Во 2018 година ја прифати понудата на Маноло Каденас и се пресели во Мешков Брест како асистент тренер. По само една сезона го презеде кормилото на белорускиот првак и не погреши. Во две сезони како прв тренер на екипата ги освои сите домашни трофеи и стигна до четвртфиналето и осминафиналето на Лигата на шампионите. Во 2022 година Раул се врати во Германија и го водеше тимот на Ерланген“, се вели во сопштението на македонскиот првак.
ПретходноБојан Илиевски повикан за А репрезентацијата на Македонија
СледноСветски пинг понг натпревар во Скопје 2025, за прв пат во сениорска категорија