Македонската репрезентација денеска со почеток од 20:45 часот го игра претпоследниот меч од тековната Лига на Нации против репрезентацијата на Летонија на домашен терен на Арената Тодор Проески во Скопје. Нашиот национален тим има задача да ја продолжи позитивната серија на резултати во оваа кампања, да ја продолжи низата на победи и да ја освои групата. Тоа прво место ќе ни донесе пласман во поквалитетната група за следниот циклус. Сепак, плановите се едно, фактичката состојба на терен нешто сосема друго, и таа победа вечерва треба да се заработи што се вели. Иако против Летонија на гости обезбедивме триумф тоа не треба да не залажува, напротив. Мора да се одигра максимално одговорно, мотивирано и да се искористи секоја ситуација да се дојде до гол, а со самото тоа и триумф.
„Се разбира дека одиме на тоа прво место. Мотивирани сме, ветуваме срце на терен што се вели. Секако дека сите репрезентативци го делат моето мислење дека мора да дојдеме до тие три бода, и да обезбедиме победа. Тука сме за да ја направиме Македонија среќна и со шест бода од овие два дуели да го освоиме тоа прво место. Се надевам дека никој од нас нема да го потцени противникот. Тоа е тим кој во Летонија ни зададе доста проблеми. Ние таму не победивме лесно, напротив. Сепак, нашите мотиви се големи, ветуваме безпоштедна битка за секоја топка и нормално победа и радост за сите“ – изјави пред вчерашниот официјален тренинг на Македонија, Јани Атанасов.