Женската сениорска репрезентација на Македонија по втор пат во својата историја ќе биде дел од ЦЕВ Сребрената Европска лига 2025. Дамите се во друштво на Австрија, Швајцарија, Летонија, Израел, Грузија, Луксембург, Фарски Острови и Исланд.
Натпреварите ќе се одвиваат според т.н. „швајцарски систем“ односно низ три викенди ќе се играат по три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.
Македонија ќе биде организатор на турнир во првиот викенд, периодот од 30 мај до 1 јуни, кога ќе ги пречекаме селекциите на Луксембург на 30 мај, додека на 1 јуни се соочуваме со Швајцарија. Во вториот викенд нашата репрезентација ќе игра на Фарски Острови (6-8 јуни). На 6 јуни ќе ги измерат силите со домаќинот, додека ден подоцна играат против Австрија. Третиот викенд (13-15 јуни) Македонија треба да игра на турнир кој ќе го организира Израел. На 13 јуни играме против Израелките, додека на 14 јуни ќе се соочиме со Грузија. Земајќи ја предвид воено-политичките околности во кои се наоѓа Израел, женскиот национален тим на оваа земја ќе биде организатор на неутрален терен, за кој учесниците ќе бидат информирани најдоцна до март 2025 година.
По одигрувањето на натпреварите ќе биде формирана заедничка табела на која првите четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи од 27 до 29 јуни. Промена може да има само доколку репрезентацијата домаќин на завршниот турнир не е меѓу најдобрите четири екипи на табелата. Организаторот на Ф4 викендот дополнително ќе биде одреден.
Женската репрезентација во Сребрената Европска лига дебитираше во изданието во 2023 година, а сега одново доби шанса да биде дел од ова европско натпреварување, каде доби и противници со кои ќе може да атакува и на прва победа.