Претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски и членот на Извршниот одбор, Зоран Карановиќ присуствуваат на 39. Конгрес на Светската одбојкарска федерација, кој од 15 до 17 ноември се одржува во Порто, Португалија.
Главната тема на Конгресот е изборот на нов претседател на глобалното одбојкарско семејство за периодот од 2024 до 2032 година. Единствен кандидат е актуелниот генерален секретар на ФИВБ, Фабио Азеведо од Бразил. Тој треба да ја добие целосната поддршка на делегатите на 200-те членки на ФИВБ и да го наследи Ари Граса, кој во изминативе 12 години беше прв човек на Светската одбојкарска федерација.
Покрај изборот на нов предводник на светската „куќа на одбојката“, делегатите ќе гласаат и за нов ФИВБ Одбор на директори, а на дводневниот настан ќе се одржи и глобален одбојкарски самит, како и работилница.
Претседателот Јовановски присуството на Конгресот го искористи и за средба со првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) Роко Сикириќ. Јовановски од август годинава е еден од осумте членови на Одборот на администрација во ЦЕВ со кој раководи Сикириќ.