Алкалоид фуриозно во Охрид за максимални „11 од 11“

61

Алкалоид продолжи онаму каде што застана пред паузата. Избраниците на Кирил Лазаров ја запишаа и 11-та победа во низа во Супер-лигата, откако го совлада ГРК Охрид со 22-29 на гостински терен во дербито на колото. Со новата победа, Алкалоид се зацврсти на лидерската позиција со 22 бода, два повеќе од Вардар 1961 и четири пред Пелистер. Охрид сега заостанува цели шест бода.

Серафимов со 12 гола е прв стрелец кај победникот, зад него е Митев со пет погодоци. Галевски запиша осум одбрани. На другата страна Тасевски, Пешиќ и Цирар имаа по четири гола.

Во првото полувреме беше исто изедначено, со тоа што Алкалоид имаше контрола на резултатот, поведе со два гола разлика 7-9, а потоа набрзо и со плус три 9-12. Три гола разлика избраниците на Кирил Лазаров имаа пред и првото полувреме (13-16). Охриѓани на одморот намалија на 14-16.

Само по неколку минути игра, Алкалоид повторно дојде на плус три (15-18), но направи неколку грешки, кои беа доволни за да домашниот состав се закани посериозно и дојде на гол разлика 17-18 и 18-19. Охрид имаше шанса да изедначи, но не ја искористи, па следеше казна.

Налет на Алкалоид преку Ѓоргиев, Серафимов, Стојковиќ и Петковски за плус шест 18-24 во 48 минута, во оваа серија Галевски имаше три одбрани (еден седмерец). На другата страна Охрид успеа да реализира после долго време.

Алкалоид не застана тука, водеше со 20-29 за крај на сите надежи во таборот на домашниот состав. Галевски и во овој налет имаше три одбрани.

На останатите средби ГРК Тиквеш славеше кај Бисинов со 22-33, Куманово беше подобар од Радовиќ со 30-26, додека Пролет го совлада Бутел дома со 24-19.

ПретходноСон останува во Тотенхем до 2026 година
СледноЛН: Црна Гора загуби и од Исланд, Турција и Велс си ги поделија бодовите