Салата „Градски Парк“ домот на најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, Работнички долго време беше надвор од употреба за мечевите на првиот тим. Бастионот во кој се играа врвни мечеви и се славеа многу титули, со години остана само бледа слика на тие времиња.
Со години се најавуваше реконтрукција на „Градски Парк“, но ниту еден проект не се почна. Градоначалниците на Општина Центар како главна цел најавуваа дека фановите на Работнички повторно ќе се вратат на трибините, но…
И конечно после долги ветувања работите тргнаа од „мртва“ точка. Во салата „Градски парк“ почнаа градежни активности, но се чини дека истата нема да биде урната од темел, туку ќе се работи на реконтрукција на истата. Првиот дел кој во моментов се реновира е делот каде што беа канцелариите.
Инаку претходната Влада одобри 30 милиони денари токму за реновирање на еден од култните спортски објекти во главниот град. А најавите се дека на стартот на следната сезона, поточно септември 2025 година првиот тим ќе може да се врати во својот дом, што ќе биде одлична вест за сите поддржувачи на Работнички, кој пак е „кираџија“ во СРЦ „Кале“.