Шкупи не тренира, штрајк, беспарица и „угасено светло“…. што се случува на Чаир!?

1459

Колку само е суров фудбалот доколку работите не се „тераат“ како што треба, и колку знае истиот да врати „мило за драго“. Пред само неколку сезони Шкупи беше нашиот топ клуб, играше во Европа, имаше шанса да влезе во групната фаза, го делеа деведесет минути од „елитата“. Ги имаше најдобрите стрелци, најдобрите играчи во тимот, се беше како што треба во Шкупи. Е ама повеќе не е така.

Титулата од пред три години и тие „златни“ времиња на Шкупи одамна заминаа, а сега на Чаир е вистински мрак. Од секоја гледна точка. Резултати нема, пораз до пораз, екипата ни оддалеку не е шампионска, (тоа се гледа по табелата), а турскиот газда Ајдин Олгун како да заборавил дека во својство на сопственик треба да подели и плата. Играчите со месеци не се исплатени, па со тој статус, за време на репрезентативнава пауза вопшто и не тренираат.

Поточно кажано, стапени се во ШТРАЈК. Молк на Чаир за се она што се случува односно не се случува, се бојкотира. Спортспорт дознава дека повеќето од странците и си заминале веќе. Не се во Шкупи повеќе. Тоа е сосема нормален развој на настаните кога веќе приказните за големи вложувања, за идеји, за правење на ТОП клуб, за некоја си Европска приказна пропаѓаат како во дупка. Зошто во суштина и никогаш не постоеле. Ајдин Олгун веќе не може да ја продава таа приказна, која што во јавноста ја ширеше со години. Дека тој е способен за многу само му треба поддршка, градска, државна, секаква. Е повеќе тоа не проаѓа. Не проаѓа зошто реалноста е сосема поинаква. Неговата способност, односно неспособност да се води клубот не оди заедно со големите планови и амбиции. Неговото е толку. Мешетарење, ниски удари, и нормално обвинување секого само не себеси за неуспесите.

Така е и сега. Кога не оди, криви се сите. Виновни се противниците, виновни се арбитрите, виновна е федерација, виновна власта, сите, само тој не. И што е најтрагично, истиот тој Ајдин Олгун се заканува со истапување на Шкупи, со бојкот на првенство. Чекајте малку другари. Тој клуб постоел и ќе постои, не е настанат од моментот кога Ајдин Олгун влегол во него, а како што тргнала работата многу бргу и ќе си замине. Еднаш Шкупи (Слога) се „изгоре“ со тоа истапување, бојкотирање на домашниот шампионат, па сите знаеме како помина. Поминаа десет години дури клубот застана на нозе. Затоа кога се зборува нешто и кажува истото треба да биде поткрепено и издржано. Или ќе се работи како што треба или работите одат каде што не треба. А од таму нема назад.

 

ПретходноКапитенот на Романија се огласи по скандалот: Во Приштина ни скандираа дека сме цигани! Не знам како да ги наречам!
СледноЈана Атанасовска испиша историја во Леви!