Македонската фудбалска репрезентација успеа да остане непоразена во овогодинешната Лига на Нации и со 16 бода, да го освои првото место во групата. Вечерва на Арената Тодор Проески нашата репрезентација успеа да слави над Фарски Острови со 1:0 и на тој начин да го „запечати“ и претходно освоеното прво место. Сепак, важно за сите нас беше да се дојде и до тој денешен триумф за да останеме во серијата на победи која што сега е на скалилото број пет.
Ги совладавме сите ривали по ред
Со ова дефинитивно репрезентацијата на Македонија ја оствари целта која што ја посакуваше. Нашиот национален тим успеа да триумфира против сите противници во групата и суверено да го освои првото место. Ако до сега единствен противник против кого немавме победа беа Фарски Острови, тоа избраниците на Благоја Милевски вечерва го обавија. По Летонија и Ерменија, во Скопје „падна“ и Фарски. Пет победи по ред и обезбедена Б дивизија во следниот циклус Лига на Нации.
Тврдо прво полувреме, Алими пропушти шанса да поведеме
Македонија добро го започна дуелот. Со иницијатива која што беше најавена со самата наша формација и состав, а во сооднос со противничката која што беше без класичен напаѓач.
Први се заканивме со ударот на Барди, а следуваше и акцијата во која Бојан Миовски за малку беше кус пред голот на Фарски О. Зенитот на првиот се случи пред полувреме кога акцијата од последната линија, ја доведе топката до Барди, а капитенот во голем стил од „прва“ само со допир за Алими кој излегува сам пред голот на противникот. Сепак, имаше дефанзивец на грбот што се вели и во пад се обиде па топката замина покрај голот.
Миовски за толку посакувано водство
Во вториот дел правиме измени и го освежуваме нападот. Ашковски, Ќамили и Ристовски влегуваат во игра. Одново наша иницијатива која што резултира со наше толку посакувано водство во 62. минута. Атанасов прекрасно со длабочинска топка за Миовски, а овој иако повторно како во случајот на Алими имаше дефанзивец врз себе сепак одлично се снајде и пласираше во мрежа на Реинатред.
По постигнатиот гол, тактички и застанавме затоа што водството беше главен момент. Противникот нешто и се обиде пред се од прекини но не дека којзнае како се закани. Нашиот тим преку контра напади на неколку пати имаше ситуација за двојно водство но ни фалеше тој зацвршен пас.
Столе повторно со „чиста мрежа“
И на овој меч како и на претходните Македонија не прими гол. Столе Димитриевски руши рекорди кога станува збор за нашиот национален тим и петти меч по ред е со „чиста мрежа“