Лазаров: Драго ми е што со 90% наши македонски играчи во составот успеваме да се носиме со далеку поискусни екипи!

335

Алкалоид и натаму е единствениот тим без пораз после 11 кола во Супер-лигата. Избраниците на Кирил Лазаров го добија дерби дуелот со ГРК Охрид на гостински терен (22-29) и се зацврстија на лидерското место на табелата.

Предводникот на актуелниот освојувач на Купот на Македонија и Супер-Купот очекувано е задоволен после триумфот против Охрид, бидејќи на нивниот терен е тешко да се игра, бидејќи тимот доведе голем број на засилувања во последните две години.

„Јас сум задоволен од моите ракометари, од мојата екипа… Знаете дека е тешко да се победи во Охрид имајќи во предвид какви играчи има овој тим, какви засилувања доведе во последните две години. Горд сум како одигравме, константно добро, иако имаме млада екипа одигравме максимално искусно. Посебно драго ми е што со 90% наши македонски играчи во тимот успеваме да се носиме со далеку поискусни екипи. Во одбраната бевме исклучително квалитетни, во првиот дел на моменти имаше невнимание и примени голови од шест метри, но тоа се промени во вториот дел. Знаете, многу е полесно да се игра кога имате расположен голман, тоа беше случај со нас на овој натпревар“, истакна Кире Лазаров.

За Лазаров е од големо значење што во Охрид се вложува во ракометот, кој засега останува број еден спорт во Македонија.

„Без разлика на денешниот резултат јас со голема почит гледам на Охрид како на ракометен колектив, тие се во состојба да изненадат секого. Честитки до управата на чело со Градоначалникот на Охрид, кој е поранешен ракометар, за вложувањата во овој клуб. Во спортот постојат победи и порази, но важно е да се продолжи да се инвестира во ракоемтот како спорт број 1 во државата“, порача Лазаров.

ПретходноРакометарките стартуваат со мисијата ЕП 2024!
СледноКошаркарите на собир, Јончевски го скрати списокот за Литванија!