✍ Марија Ковачева
Кога ќе се спомене Литванија, прва и единствена мисла на секој Македонец е Европското првенство во 2011 година. Иако минаа 13 години од најголемиот успех на една македонска национална репрезентација (историското четврто место), сепак сеќавањата секогаш ќе останат свежи.
Македонија живееше денови на кошаркарско лудило, тргнавме скромно, а направивме вистински БУМ. Момците под водство на Марин Докузовски не фрлија во транс, го живеевме сонот на големите. Дел од фановите од лице место ги бодреа кошаркарите, дел од пред ТВ-екраните. Секоја победа се славеше низ улиците, во дворовите, на балконите во зградите, сите во еден глас го извикуваа името на нашата мала татковина.
И сега кога ќе се навратам на таа тројка на Владо Илиевски ме лазат морници, како да беше вчера…а минаа години и години. Македонија во кошарка одамна се нема израдувано. Бевме дел од ЕП 2013 и последен пат на ЕП 2015.
Иако не е денот на победата над Литванија, ниту не е јубилеј, сепак гостувањето токму на оваа селекција во Скопје во меч од квалификациите за ЕП 2025 година е причината која сакала или не ме врати во тоа време.
После десет години пауза би можеле да се вратиме на европската карта, а до оваа мисија ќе можеме цврсто да зачекориме доколку ја победиме токму Литванија, играме важен двомеч со оваа репрезентација.
Од Литванија 2011 до дуелите со Литванија 2024 година се случи смена на генерација, а од тој тогашен состав останаа браќата Војдан и Дамјан Стојановски.
Војдан Стојановски, кој сега ја има улогата на капитен зад своето име запиша 15 поени и беше во стартната петорка. Токму овој кошаркар, кој е вистински пример за помладите генерации растеше покрај оние легендарни имиња. Од таа Литванија 2011 година, двајца репрезентативци се во кошаркарската федерација. Перо Антиќ е претседател, а Ѓорѓи Чековски тим-менаџер на сениорскиот тим. Марјан Србиноски тогаш беше во стручниот штаб, а сега е спортски директор.
Денеска пред стартот на мини-подготовките за двомечот со Литванија, неуморниот фајтер, Војдан се наврати на на тоа ЕП и тој меч кој не однесе во полуфиналето.
„Денот пред дуелот со Литванија беше ист како секој претходно. Фановите дојдоа пред хотелот да ни дадат поддршка. Навистина се направи одлична атмосфера. Игравме со голема самодоверба, бидејќи пред овој меч победивме навистина добри репрезентации и знаевме дека можеме да играме со сите и да победиме. Се сеќавам дека Марин ни рече дека најважно е да не дозволиме да се одлепат резултатски, дека само така можеме да ги победиме. Цел меч се играше кош за кош, навистина на крајот успеавме да ги победиме. Тоа Европско, тие денови никогаш нема да го заборавиме, особено тој меч со Литванија“, се присеќава Војдан.
Тој беше еден од оние среќни кошаркари кои можеше да учи од имиња како Антиќ, Гечевски, Илиевски…
„Многу пати до сега имам кажано дека имам голема среќа што во мојата кариера како млад играч имав шанса да играм со Антиќ, Гечевски, Врбица, Илиевски…Многу наичив од нив, тие ми беа голема поддршка од првиот ден кога влегов во репрезентација“.
Македонија во изминатиот период немаше многу среќа во битката да се врати на тие големи натпреварувања. Но, сега се чини шансите се големи како никогаш до сега. А токму Литванија е нашиот противник во следните два меча.
„Литванија без разлика дали ќе дојде без играчите кои играат во Жалгирис е кошаркарска велесила. Ние се уште не знаеме со каков состав ќе настапиме на првиот и на вториот меч. Голема штета што истовремено се играат и натпреварите во Евролига, да не беше така во составот ќе го имавме Димитријевиќ, фали и Јакимовски. Штета што не можеме барем еднаш да бидеме комплетни.
Но, и покрај ова останува да се бориме. Првиот меч го играме на домашен терен и мораме да го дадеме максимумот, да се избориме за добар резултат пред гостувањето кај нив“, рече Војдан.
Македонија првиот дуел го игра на 21 во СРЦ „Кале“, реваншот е три дена подоцна во Клаипеда. По првите две кола нашите кошаркари имаат победа и пораз, ист скор како и противникот.