Македонскиот тим на гостувањето кај Валур одигра спротивен натпревар од оној во Скопје. На крајот овој меч заврши без победник 34-34 и тоа благодарение на Срдановиќ кој реализираше од седум метри. Бодот не е доволен за да вардарци обезбедат пласман во следната рунда, математиката не му оди во прилог на нашиот тим. Пред последното коло има два бода помалку од Порто, а ќе игра против Мелсунген на домашен терен, што пак е тешка мисија.
Во составот на „црвено-црните“ за оваа средба ги немаше голманот, Еспиња, Лазаревски и Борозан.
Најефикасен играч на средбата беше Тордарсон со 11 гола за Исланѓаните, додека кај Вардар со по пет се истакнаа Георгиевски, Хориха, Маргели и Срдановиќ.
Македонскиот тим не одигра во првото полувреме според очекувањата. На почетокот на мечот имаше негатива од еден до два гола (2-0, 4-2, 9-7). По последните минус два, противникот со три гола во низа успеаја да поведат со 14-9. На голема среќа вардарци брзо се вратија во дуелот не доволија разликата да расте, на двапати имаа минус четири (14-10 и 15-11), а потоа на одморот намалија на еден гол негатива (18-17).
Валур не успеа да искористи шанса за плус три, Гогов запиша важна одбрана, а Георгиевски и Маргели израмнија на 21-21 во 37-та минута. Три минута подоцна Срдановиќ за првпат на овој дуел му донесе водство на својот тим 23-24. Сепак ова кратко траеше бидејќи домаќинот ја врати минималната позитива. Битката на теренот се вжешти бидејќи се играше гол за гол, се до средината на второто полувреме кога Валур ги казни грешките на избраниците на Милано и поведе со плус три (29-26).
Милано повика тајм-аут, а Маргели и Танкоски одговорија со два погодоци и ја вратија неизвесноста на стартот на последните десет минути. Нова одбрана на Гогов беше повеќе од доволна причина за да Вардар и израмни на 30-30, а потоа нешто подоцна благодарение на серијата од 3-0 да поведе со 32-33 на три минути до крајот. Македонскиот тим при 33-33 во 58-та минута остана со играч помалку, а Гогов запиша нова феноменална одбрана. По тајм-аутот на Милано, Јагуриноски не успеа да реализира, Пордарсон беше прецизен од седум метри со 34-33, на другата страна Срдановиќ по голем кикс на противникот се најде исто на седум метри, беше прецизен за 34-34.