Пелистер утре на домашен терен продолжува со предизвиците во Лигата на шампиони. Македонскиот првак е домаќин на Фредериција, тимот против кого ја оствари првата победа во ова натпреварување.
Битола очекува нов триумф во дебито на европска сцена на новиот стратег Раул Алонсо. Шпанецот имаше три дена да го подготви мечот, а според него одбраната ќе биде клучна на оваа пресметка.
„Секој натпревар е различен посебно кога играте во Лигата на шампионите. Играчите во ова натпреварување брзо се адаптираат на новите ситуации. Фредериција е тим кој порасна во последните две сезони и беше компетитивна во данското првенство. Го имаат Гудмундур Гудмунсон, кој е еден од најдобрите светски тренери и човек кој има големо искуство. Ќе биде тешко да се игра против нив, иако победивме на гостински терен. Ова е нов натпревар и нова ситуација, имаат квалитетни дански ракометари и агресивна одбрана.
Што се однесува до подготовката, го немав потребното време, тука сум три дена и одработивме само еден тренинг. Со вкупно три тренинзи ќе влеземе во натпреварот и ќе биде натпревар со голем влог. Ќе го следиме нашиот план и растот од претходниот натпревар. Многу е важно да имаме солидна одбрана и многу интервенции на голманите. Да бидеме организирани во одбраната и тоа да ни биде појдовна точка за добар позиционен напад и транзиција. Тоа е сепак натпревар од Лигата на шампионите и ќе решаваат мали детали“, изјави Шпанецот.