ФИФА потврди – Македонија за првпат е во трет шешир

314

Македонската фудбалска репрезентација и натаму ги собира „плодовите“ од првото место во Ц Дивизијата, групата ја заврши со пет победи и само едно реми. Овој резултат не смести во третиот шешир пред ждрепката за Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико. Ова е првпат фудбалерите да се најдат во трет шешир, „црвено-жолтите“ секогаш биле во претпоследниот или последниот.

Променет е квалификацискиот систем за СП, ќе имаме дури 12 групи со четири-пет репрезентации, а ќе напредуваат само победниците од групите.

Сите второпласирани селекции ќе одат во плеј-офот со четирите најдобропласирани селекции од Лигата на нации кои веќе не поминале. Таму ќе добиеме уште четворица учесници на Мундијалот.

Ова е моментално познатиот состав на „шеширите“ за квалификации.

Прв шешир: Франција, Шпанија, Англија, Белгија, Холандија, Португалија, Италија, Германија, Хрватска, Швајцарија, Данска и Австрија.

Втор шешир: Србија, Унгарија, Украина, Турција, Шведска, Велс, Полска, Словачка, Романија, Грција, Норвешка и Чешка.

Трет шешир: Шкотска, Словенија, Ирска, Финска, Грузија, Албанија, МАКЕДОНИЈА, Исланд, Босна и Херцеговина, Северна Ирска, Црна Гора и Израел.

Четврти шешир: Бугарија, Луксембург, Белорусија, Ерменија, Косово, Казахстан, Азербејџан, Естонија, Кипар, Латвија, Фарски Острови и Литванија.

Петти шешир: Молдавија, Малта, Андора, Гибралтар, Лихтенштајн и Сан Марино.

Нашите репрезентативци ќе ги дознаат сите противници во борбата за место во САД, Канада и Мексико во Цирих на 13 декември. Идеална група ќе биде Хрватска, Велс Македонија, Летонија и Сан Марино.

Првите термини на квалификациските натпревари се 21/22. март, 24/25. март, 6/7. Јуни, 9/10. Јуни и во овие денови ќе играат само репрезентациите извлечени во групи од по пет екипи. Од септември заедно со учесниците во Лигата на нации екипите ќе играат на 4/6. Септември, 7/9. Септември, 9/11. Октомври, 14/12. Октомври, 13/15. ноември и 16/18. ноември. Плеј-офот е закажан за 26 и 31 март 2026 година кога ќе биде дефиниран комплетниот список на учесници на Мундијалот од Европа.

ПретходноНиколов: Штета што ги немаме Нено и Шортс – приказната ќе беше поинаква!
СледноЖРК Чаир го доби противникот во 1/8 финалето во ЕХФ Купот