Пелистер испушти победа против Фредериција (ФОТО)

213

Пелистер во дебито на Раул Алонсо запиша реми против Фредериција (29-29) во меч од осмото коло во Лигата на шампиони. Македонскиот тим имаше напад за победа, но не го искористи, на крајот треба да биде задоволен и со освоениот бод. Пелистер и покрај ова останува на 6-то место кое носи во следната фаза.

Радивојевиќ имаше седум гола, додека два помалку запиша Кузмановски, по четири имаа Хосни и Тајник. Митревски запиша пет гола сите во второто полувреме, иако беше скромен на оваа средба, сепак беше причина за резултатскиот кам-бек на неговиот тим.

Фредериција го отвори мечот 0-1, во шестата минута поведе и со 2-4, откако претходно Тајник не реализираше, а Хосни направи техничка грешка. Македонскиот тим брзо се врати и израмни на 4-4, но гостите со мини серија повторно зголемија на плус два (4-6) после нова техничка грешка на Пелистер. По 6-8, Фредериција не успеа да реализира надап за плус три и во период кога битолчани беа со играч помалку на теренот, но тоа го стори две минути подоцна со голот на Табоада зголеми на 7-10. Митревски немаше свој ден, па влезе Илиќ.

По 9-12 следеше период на промашувања и грешки на двете страни, Пелистер не искористи да се доближи, па на другата страна гостите успеаја да поведат со четири гола разлика (10-14 и 11-15). На одморот битолчани заминаа со негатива од 13-16.

Пелистер на крилата на капитенот Филип Кузмановски, успеа да ја врати надежта на трибините дека овој меч само што почна, намали на 15-17. Публиката се разбуди, но гостите успеаја да постигнат важен гол за 15-18, а потоа и за 16-19. Се чекаше налет на македонскиот првак, но и добра одбрана. Тоа се случи во 40-та минута, Митревски ја запиша првата интервенција, а Пелистер дојде на минус еден 19-20, па 20-21. По новата одбрана на Митревски, Манасков направи наивна грешка во напад за изедначување.

Македонскиот првак целосно се издигна на средината на вториот дел, Радивојевиќ израмни на 22-22. Кузмановски во 47-та минута го донесе првото водство на својот тим 24-23. На стартот на 50-та минута, Радивојевиќ не успеа да реализира од седум метри за плус два, па стигна казната (25-25).

Битолчани одржуваа минимална позитива, одеа по тенка линија, но како одминуваше времето нивната самодоверба растеше, тука беа и фановите за поддршка. И повторно наместо плус два, Пелистер направи две грешки во низ и ја врати Фредериција во живот, гостите поведоа со 28-29 на три минути до крајот. Манасков израмни на 29-29 за драма во Битола.

Митревски во 59-та минута запиша нова интервенција, Хосни не реализираше, но одбиената топка се врати кај ракометари на Пелистер, Борзаш не успеа да донесе победа, па мечот заврши без победник.

ПретходноФеникс Санс со нов договор за Дурант
СледноЛаутаро се израмни со Марадона во дресот на Аргентина