Пелистер во дебито на Раул Алонсо запиша реми против Фредериција (29-29) во меч од осмото коло во Лигата на шампиони. Македонскиот тим имаше напад за победа, но не го искористи, на крајот треба да биде задоволен и со освоениот бод. Пелистер и покрај ова останува на 6-то место кое носи во следната фаза.
Фредериција го отвори мечот 0-1, во шестата минута поведе и со 2-4, откако претходно Тајник не реализираше, а Хосни направи техничка грешка. Македонскиот тим брзо се врати и израмни на 4-4, но гостите со мини серија повторно зголемија на плус два (4-6) после нова техничка грешка на Пелистер. По 6-8, Фредериција не успеа да реализира надап за плус три и во период кога битолчани беа со играч помалку на теренот, но тоа го стори две минути подоцна со голот на Табоада зголеми на 7-10. Митревски немаше свој ден, па влезе Илиќ.
По 9-12 следеше период на промашувања и грешки на двете страни, Пелистер не искористи да се доближи, па на другата страна гостите успеаја да поведат со четири гола разлика (10-14 и 11-15). На одморот битолчани заминаа со негатива од 13-16.
Пелистер на крилата на капитенот Филип Кузмановски, успеа да ја врати надежта на трибините дека овој меч само што почна, намали на 15-17. Публиката се разбуди, но гостите успеаја да постигнат важен гол за 15-18, а потоа и за 16-19. Се чекаше налет на македонскиот првак, но и добра одбрана. Тоа се случи во 40-та минута, Митревски ја запиша првата интервенција, а Пелистер дојде на минус еден 19-20, па 20-21. По новата одбрана на Митревски, Манасков направи наивна грешка во напад за изедначување.
Македонскиот првак целосно се издигна на средината на вториот дел, Радивојевиќ израмни на 22-22. Кузмановски во 47-та минута го донесе првото водство на својот тим 24-23. На стартот на 50-та минута, Радивојевиќ не успеа да реализира од седум метри за плус два, па стигна казната (25-25).
Битолчани одржуваа минимална позитива, одеа по тенка линија, но како одминуваше времето нивната самодоверба растеше, тука беа и фановите за поддршка. И повторно наместо плус два, Пелистер направи две грешки во низ и ја врати Фредериција во живот, гостите поведоа со 28-29 на три минути до крајот. Манасков израмни на 29-29 за драма во Битола.
Митревски во 59-та минута запиша нова интервенција, Хосни не реализираше, но одбиената топка се врати кај ракометари на Пелистер, Борзаш не успеа да донесе победа, па мечот заврши без победник.