Пелистер вечерва (20:45 часот) на домашен терен има шанса да дојде до втората победа во Лигата на шампиони и тоа под водство на новиот стратег, Раул Алонсо. Во Битола гостува Фредериција, последнопласираниот тим во групата на македонскиот првак.
По триумфот на гостински терен од 23-25, фановите на Пелистер очекуваат победа, а за тоа се свесни и ракометарите, кои истовремено се претпазливи бидејчи противникот знае да биде доста незгоден.
„Јавноста очекува големи работи од нас на овој натпревар. Сепак, ќе биде многу тешко. Фредериција е одличен тим, а имавме и краток период да работиме со новиот тренер. Добро се подготвуваме и до среда ќе бидеме уште поспремни. Цел град очекува победа и ние ќе го дадеме својот максимум за да ја оствариме. Фредериција игра многу брза и специфична одбрана 3-3 и ние се подготвуваме за нив“, изјави Домен Тајник.
Пелистер пред осмото коло во ЛШ е шести на табелата, бодовите ќе бидат значајни за пласманот во следната рунда.