Македонија во својата спортска историја има неколку големи победи, а една од нив доаѓа токму над денешниот противник – Литванија во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година.
Нашата кошаркарска репрезентација денеска (18 часот) во СРЦ „Кале“ ќе ги одмери силите против земјата која нам ни буди едно прекрасно чувство.
Никој не може да го заборави Европското првенство 2011 година, онаа драматична победа над Литванија со тројката на Илиевски, а уште помалку четвртото историско место. Македонија тогаш живееше во бајката на големите кошаркарски велесили, одигра неверојатно Европско првенство.
Победата против домаќинот на тоа ЕП 2011, не може да ја заборави ниту Литванија. Им приредивме вистински шок, бидејќи ги елиминиравме од битката за медал на континенталното натпреварување. Никој тој ден не очекуваше дека Македонија ќе успее да ја урне големата Литванија, секако освен нашите фанови кои веруваат во невозможното, и кошаркарите кои пред оваа средба остварија големи победи, па самодовербата беше на високо ниво.
Македонија од таа средба уште еднаш ја победи Литванија во пријателски меч, во 2012 година со 78-74, а потоа на следните три беше поразена. Последен пат овие две репрезентации се сретнаа во 2015 година, одиграа пријателски натпревар кој минимално му припадна на противникот.
Останува да се надеваме дека повторно можеме да се надеваме на нов голем триумф, иако за денешниот меч во Скопје сме видливо ослабени без Ненад Димитријевиќ, Итан Хап, Андреј Јакимовски и Андреј Магдевски. Во еден ваков состав би можеле со целосно право да се надеваме на целиот плен. Но, надежта секогаш останува, бидејќи нашите момци најавија битка за секоја топка на теренот.