Македонската кошаркарска репрезентација денеска (18 часот) во СРЦ „Кале“ ја пречекува Литванија во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година. Нашите момци во ноемврискиот процес ќе одиграат два меча со истата репрезентација, вториот е за три дена во Клаипеда.
Александар Јончевски и овој пат на располагање ќе го нема посакуваниот ростер. Итан Хап отпадна за двата дуели поради повреда, Ненад Димитријевиќ ќе се приклучи во Литванија, а додека Андреј Магдевски останува под знак прашалник за реваншот.
Момците се свесни кого ќе имаат на другата страна теренот. Литванија има и нов селектор, па тешко е да се направи анализа.
„Знаеме дека се среќаваме со исклучително силна репрезентација, особено што сега имаат и нов селектор на кормилото. Не знаеме што точно да очекуваме, какви промени ќе направи тој селектор во играта на Литванците, но ние се подготвуваме за нашата игра, да се претставиме во што подобро светло. Имаме изменет состав во однос на последните натпревари, ќе мораме да се снаоѓаме без Нено, без Магдевски, ќе го немаме ниту Хап, но што е тука е, ни останува да излеземе на терен и да се обидеме да стигнеме до позитивен резултат на домашен терен. Целиот фокус ни е на овој меч во Скопје, по него ќе размислуваме и за неделниот реванш во Литванија. Знаеме дека е тоа состав од играчи од домашно првенство, и тие ќе ги немаат на располагање своите евролигашки кошаркари, но во секој случај станува збор за максимално сериозна репрезентација“, изјави Бојан Крстевски, кој е еден од најискусните во нашиот тим.