Храбра игра против Литванија, но втор пораз за Македонија во евро-квалификациите (ФОТО)

187

Македонската кошаркарска репрезентација го запиша вториот пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година, откако очекувано на домашен терен беше совладана од Литванија со 67-82. Сепак нашите момци не се предадоа, го дадоа својот максиум, она што го најавија и го остварија, одиграа борбено до последната минута и не му дозволија на противникот да си замине со убедлива победа.

Селекторот, Александар Јончевски на оваа средба повторно немаше среќа да настапи во комплетен состав, го немаше на располагање Ненад Димитријевиќ, Итан Хап, Андреј Јакимовски и Андреј Магдевски. Најавите се дека Нено ќе се приклучи во Клаипеда за реваншот во недела, но за жал Хап нема да биде во можност бидејќи е повреден.

За пофалба е играта на Кристијан Николов, кој мечот го заврши со 18 поени, Војдан имаше 13 поени, додека Крстевски 10.

Литванија како што се очекуваше го отвори силно, еднакво на големата фаворитска улога која ја имаше пред оваа средба. По само пет минути поведе со двоцифрени 2-13. Единствените поени кај нас ги постигна Бојан Крстевски во втората минута. Тешко одеше во нападот, немавме реализација, што пак не беше случај на спротивната страна. Јончевски повика тајм-аут, Мекиќ ги постигна вторите поени за нашиот тим после долго време за 4-13. Но, противникот не застана тука, додека ние сме мачевме, особено офанзивно, Литванците ја зголемуваа позитивата, најголемата изнесуваше 16 (7-23). На крилата на Војдан (четири поени во низа) после првата четвртина намаливме на 9-23.

Не се промени ништо ниту во втората четвртина, гостите дојдоа на плус 23 (17-40). Ние имавме добри секунди, не минути, бевме инферорни во секој поглед. Војдан, Дамјан и Бојан беа нашите лидери, а во последните три минути се разбуди Николов последните десет поени во оваа четвртина беа негови. Благодарение на Николов дојдовме на 25-40, на одморот негативата беше 27-44.

Третата четвртина Македонија ја отвори со 5-1 за 32-45. По само три минути игра, Бојан Крстевски ја направи четвртата лична грешка. За разлика од првото полувреме, во овој период нашите кошаркари играа многу подобро, пред се во одбраната, а тоа донесе многу поинаков тек и во нападот, во 25-та минута негативата изнесуваше 11 поени (39-50) со тројката на Николов. Но, неколкуте грешки Литванија брзо ги казни со 11-0 поени во низа зголеми на 39-61.

На стартот на последната четвртина гостите влегоа со позитива од 43-64. По само три минути игра, гостите дојдоа на највисоки плус 25 (43-68). Иако негативата беше голема, сепак кошаркарите не се откажаа во ниту еден момет, па во 38. минута резултатот беше минус 11 (65-76), Војдан постигна тројка. На 1:16 до крајот при 67-78, судиите имаа сомнителна одлука која и тоа како имаше влијание. Србиноски доби техничка грешка, но Литванците реализираа само еднаш. За жал немаше време за ништо повеќе, сепак оваа игра во овој период треба да биде мотив за реваншот.

Реваншот меѓу Македонија и Литванија се игра за три дена во Клаипеда.

Претходно„Вирц во Баерн Минхен? Не! Само два клуба можат да го купат!“
СледноНиколов: Направивме се што можеме!