Кошаркарите се чекираа во Клаипеда: Вечерва ќе се и приклучи Димитријевиќ (ФОТО)

226

СпортСпорт во Клаипеда, Марија Ковачева

Македонската кошаркарска репрезентација пристигна во Клаипеда каде во недела (18:30 часот по македонско време) ќе го одигра реванш мечот против Литванија во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година. Литванскиот град се наоѓа на Балтичко Море на 200 километри од Каунас, местото каде што Македонија испиша историја – го освои 4. место на ЕП 2011 година.

Селекторот на нашиот најдобар национален тим, Александар Јончевски за втората средба во составот ќе има една измена, Кристијан Николов кој одигра одличен меч во Скопје и 18 поени, нема да му биде на располагање бидејќи неговиот тим побарал да се врати назад.

Како што беше најавено, Ненад Димитријевиќ ќе му се приклучи на тимот. Најдобриот македонски кошаркар вечерва треба да пристигне во Клаипеда.

По долгиот пат нашите кошаркари денеска ќе го искористат денот за рехабилитација, а додека утре ќе го одржат првиот тренинг во Арената Швитурио која има капацитет од околу 6.000 места.

Иако се чинеше дека оваа средба ќе се игра во Вилнус или Каунас, сепак Литванците се одлучија за Арена со помал капацитет со цел да ја исполнат истата до последното место.

Првата средба во Скопје ја доби Литванија со 82-67 нанесувајќи им го на „црвено-жолтите“ вториот пораз, а со тоа и целосно ги намали шансите на Македонија за пласман на ЕП 2025 година.

И во овие квалификации не успеавме да бидеме комплетни, Итан Хап дојде во Скопје, но се врати во Валенсија (повреден), Нено имаше меч во Евролига, додека пак Андреј Јакимовски во овој момент е невозможно да се врати од Америка.

ПретходноТурски банкари измамувале фудбалери, им прети казна до 240 години затвор
СледноМакедонија поразена од Хрватска на „Кроација Купот“