Војдан пред реваншот со Литванија: Со Нено ќе биде многу полесно, но мора да одиграме цврсто и тимски!

147

СпортСпорт во Клаипеда, Марија Ковачева

Македонската кошаркарска репрезентација веќе е во Клаипеда каде утре ќе го одигра реванш мечот во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година. Февруарскиот „прозорец“ нашиот најдобар национален тим го отвори во некомплетен состав, што пак се одрази на крајниот резултат против Литванија, но и патот кој води кон кам-бек на големите натпреварувања.

За разлика од првиот меч во Скопје, во Клаипеда селекторот Александар Јончевски на располагање ќе го има Ненад Димитријевиќ, кој пристигна доцна синоќа и денеска заедно со останатиот тим ќе го одработи предвидениот тренинг.

Капитенот, Војдан Стојановски верува дека Македонија ќе одигра многу подобар меч, особено ако се земе во предвид дека чудниот критериум на судиите во Скопје и нивната дозвола да се игра поагресивно е една од причините поради кои Литванија за кратко време направи голема разлика. Потенцира дека мора да се поправи скок играта.

„Знаеме како треба да одиграме, исто како во второто полувреме во Скопје. Чудниот судиски критериум и преагресивната игра што беше дозволена од арбитрите придонесе рано да се најдеме во голема негатива, но сметам дека таа лекција е научена, овојпат ќе одиграме квалитетно од првата минута и ќе се обидеме да одржиме ритам во текот на целиот меч, без преголеми осцилации. Она што е од исклучителна важност е скок-играта, не може да очекувате позитивен резултат ако имате 20 скокови помалку од противникот. Јасни се проблемите и лимитираноста во играта под рекетот, но затоа високите играчи мора да добијат помош и од нас од надворешната линија, сите заедно повеќе да учествуваме во таа скок-игра. Ако го оствариме тоа, ќе биде одлично“, изјави капитенот на македонската репрезентација.

Олеснителна околност за реваншот е приклучувањето на Ненад Димитријевиќ, самото негово присуство носу една поголема сигурност во нападот, а истовремено дава поголема слобода на останатите играчи.

Дуелот меѓу Литванија и Македонија е закажан за утре во 18:30 часот по македонско време, а нашата репрезентација на првата средба беше поразена со 82-67. Македонија е трета во нашата група Х со четири бода, еден зад Литванија и два зад Естонија. Полска е последна, но како домаќин на ЕП 2025 година веќе е пласирана. Само првите две репрезентации ќе заверат пласман на континенталното натпреварување.

 

ПретходноКоло Муани е опција за Манчестер Јунајтед
СледноПол позицијата во САД за Расел