Битката во машката Супер-лига продолжува денеска. На програмата е 12. коло, а само еден тим остана перфектен. Алкалоид го доби дерби дуелот со ГРК Охрид во минатото коло и има 11 победи во исто толку одиграни мечеви.
Избраниците на Кирил Лазаров ги чека уште еден тежок меч, а тоа е против Вардар 1961 на гостински терен во недела. Првата средба и тоа на отварање на сезоната им припадна на ракометарите на Алкалоид.
За денеска се закажани пет средби, а први кои ќе одиграат се екипите на ГРК Охрид и Радовиш. По поразот на домашен терен, избраниците на Стевче Алушовски ќе бараат рехабилитација против Радовиш.
На останатите мечеви: Пелистер е домаќин на Тиквеш, Куманово на Бутел Скопје, додека пак се очекува интересна пресметка меѓу Бисинов и Струга, како и Пролет и Прилеп.