Женската ракометна репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз на подготвителниот турнир „Кроација Куп“ во Новиград. По вчерашниот пораз од домаќинот на турнирот, селекцијата на Хрватска, денеска избраничките на селекторот Грчевски беа инфериорни и на дуелот со Србија.
Србија оствари лесна и убедлива победа од 33:21. Во првото полувреме Македонија одигра очајно во нападот, не успевајќи да погоди бројни зицери и пенали, а Србинките тоа успеваа да го искористат и на пауза да заминат со висока предност од 17:9.
Ние за нијанса ја подобривме играта во вториот дел, но Србија до средината на второто полувреме веќе имаше предност од 10 гола (25:15). Во финишот иако во еден момент успеавме да намалиме од разликата, Србија повторно имаше одлични завршни минути за висока победа.
Утре во последниот меч на турнирот ќе играат Хрватска и Србија.