По еден одличен викенд и победата над Алкалоид во дербито на домашната ракометна сцена, ракометарите на Вардар вечерва во „Јане Сандански“ пред нов европски предизвик. „Црвено-црните“ денеска (20.45 ч.) ќе го одиграат последниот европски меч за оваа сезона и тоа против најдобриот тим во групата во Европската лига на ЕХФ, германски Мелсунген.
„Вардарци“ во последното коло од групната фаза ќе играат против еден од најдобрите состави во натпреварувањето, кој патем во Скопје допатува речиси во комплетен состав. Тимот предводен од екс-тренерот на Вардар, Парондо, на првиот меч во Германија оствари убедлива победа од 34:18. Сега Вардар пред својата публика ќе се обиде да го намали јазот и да се обиде да изненади.
Вардар последен пат против бундеслигашки тим во „Јане Сандански“ играше минатата сезона во квалификациите за Европската лига кога беше поразен од Рајн Некар со 25:34.