Пелистер ја продолжува битката за пласман во следната рунда во Лигата на шампиони. Актуелниот македонски првак е шести на табелата во групата А со четири бода, еден повеќе од Фредериција. Новиот предизвик во ова натпреварување за ракометарите е лидерот, Веспрем. Дуелот се игра утре на теренот на унгарскиот тим со почеток во 18:45 часот.
Дејан Манасков е еден од ракометарите на Пелистер кој добро знае каква атмосфера ги чека и за каков тим станува збор. Поранешниот македонски репрезентативец во периодот од 2017 до 2022 година го носеше дресот на Веспрем.
„За мене ова е прво враќање откако го напуштив Веспрем. Натпреварот ќе биде специјален за мене. Ќе биде многу тешко, но ќе се бориме и ќе се обидеме и нив да им го отежнеме мечот.
Во изминатите денови се подготвувавме само за Веспрем и верувам дека ќе биде одличен натпревар. Имаме големи шанси за Топ16, ќе се бориме за секој бод на секој меч. Добро е што само од нас зависи дали ќе се најдеме во следната рунда“, рече Манасков.