Македонската женска ракометна репрезентација со пораз го отвори Европското првенство. Избраничките на Кристијан Грчевски на стартот беа поразени од фаворитот Шведска со 28-18 (15-7). „Црвено-жолтите“ се држеа до 21-та минута по која се случи вистински колапс.
Единствена светла точка на овој меч беше Јована Мицевска, која запиша десет одбрани. Сара Ристовска имаше три гола, исто колку Кипријановска, Младеновска и Јанкуловска.
Нашите ракометарки имаа добри моменти во првото полувреме кои кратки траеја. Отворија со 1-3, но потоа застанаа. На другата страна Шведска одговори со серија од 5-0 за 6-3. По новите минус два за Македонија (9-7), противникот со нова серија од 11-0, која почна во првото полувреме, а заврши во во 39 минута поведе со 20-7.
На Македонија и требаа цели 18 минути за да постигне гол, а тоа го стори Сара Ристовска (20-8). На голема среќа во овој црн период, Мицевска запиша две одбрани. Она што беше чудно е што Грчевски не повика тајм-аут, иако беше рано во второто полувреме, сепак не се одлучи да ги посоветува ракометарките и да го спречи налетот на противникот.
Шведска продолжи да ги „гази“ нашите ракометарки кои лесно ги продаваа топките, едноставно немаше никаква борба на теренот. По голот на Ристовска, противникот реализираше уште четири за 24-8. Ова беше период во кој Македонија имаше постигнато два гола до 48-та минута, што пак доволно говори за случувањата на теренот.
Следен противник на Македонија е Турција, дуелот се игра во сабота. Против оваа репрезентација Кристијан Грчевски најави дека ќе запишат победат.