Македонската женска ракометна репрезентација денеска продолжува со битките на Европското првенство. После убедливиот пораз на стартот од Шведска, селекторот Кристијан Грчевски и неговите избранички силите ќе ги одмерат против Турција, дуелот стартува во 20:30 часот. Ова е противникот кого предводникот на нашиот национален тим го посочи како шанса за победа во групната фаза во која пак во последниот меч се среќаваме со Унгарија.
Против Шведска „црвено-жолтите“ парираа само 20 минути по кои целосно паднаа и влегоа во машината на противникот. Грчевски е убеден дека ракометарките можат да одиграат многу подобар меч и да запишат победа, иако на теренот ќе ја имаат мотивираната Турција за кого ова е прво учество на Европските првенства.
„Дефинитивно одиме на победа и верувам дека имаме големи шанси да излеземе како победници од мечот, но се зависи од нас, значи, треба да веруваме дека можеме да го направиме тоа. Доколку бидеме на ниво на задачата и се бориме максимално на теренот, верувам дека можеме да ги израдуваме нашите македонски навивачи“, изјави Грчевски.
Предводникот на Македонија е убеден дека атмосферата не е нарушена после поразот.
„Во крајот на второто полувреме одигравме навистина добро, бевме малку опуштени и тоа ни носи самодоверба во пресрет на дуелот со Турција. Верувам дека позитивната енергија ќе се почувствува на теренот и ќе се обидеме да победиме“.
Пред дуелот меѓу Македонија и Турција, во нашата група А силите ќе ги одмерат Шведска и Унгарија, двете репрезентации кои стартуваа со пораз.