Феникс конечно ја заврши лошата серија со триумф над Гостивар

17

Со конечни 74:66 тимот на Феникс конечно обезбеди победа во домашниот кошаркарски шампионат, и ја прекина црната серија. Поразен е тимот на Гостивар во тесен и интересен меч кој беше неизвесен до самиот крај.

Изедначено прво полувреме во кое најголема предност имаше домаќинот Френикс во втората делница кога преку Димчевски Феникс 2010 поведе со 25:21.

Но во само две минути, Гостивар направи серија од (9-2) за да го врати водството, односно да има позитива од (30:27), а потоа и највисоки (35:31). Но ништо повеќе од тоа затоа што егал беше резултатот по 20.одиграни минути (35:35).

Апсолутно исто се играше и по паузата, двете екипи се менуваа во водство, а тројката на Родес во самиот финиш на третиот дел „пресуди“ Гостивар да влезе со плус 3, (54:51), во оној последниот.

Имаа гостите и повисоко водство (58:52), кога се играше 33.минута. Но овој пат Митревски отвори серија за домашниот тим, од (9-0) за нова, сериозна промена на резултатот (61:58). А по новото поентирање на младиот бек, беше и повисоки (63:59), на нешто помалку од четири минути до крајот.

Тука некаде „фениксовци“ го „прекршија“ овој натпревар. По тројката на Шепард имаа (67:61), но и далеку помалку време за гостите, минута и половина.

Своето одлично издание Митревски го заокружи со реализација на 23. поени, плус пет скока и четири асистенции, Шепард имаше 19.поени и по три скока и додавања. Марфи имаше девет поени, но и 14 скока, додека Тимоти го следеше со седум реализации и десет скока.

Кај Гостивар, каде играа само шест кошаркари, сосема добар ефект на стартната петорка. Односно четворица играчи со десет и повеќе поени.

Родес уфрли 17, Митевски имаше 16, Грушановиќ 12, а искусниот Соколов дојде и до дабл-дабл учинок од 10.поени и исто толку скока, плус три асистенции.

ПретходноАморим до Ериксен: Можеш да си одиш, не сметам на тебе!
СледноМакедонија го освои првиот бод после 16 години на ЕП (ВИДЕО)