Алкалоид стави печат на пласманот во осминафиналето во ЕХФ Европскиот Куп, откако и на втората средба беше подобар од тимот на Вест Виена. Вечерва избраниците на Кирил Лазаров славеа со 29-32 (12-16).
И на оваа средба главни лидери во редовите на Алкалоид беа Серафимов и Петковски, двајцата имаа по седум гола, зад нив беше Митев со три гола.
Ракометарите на актуелниот освојувач на Купот на Македонија и Супер-Купот ја потврдија својата класа во однос на противникот. А мечот почна исто како и вчера, Вест Виена поведе на почетокот со еден гол, по што Алкалоид полека, но сигурно го наметна своето темпо. Со серија од 5-0 во вториот дел од првото полувреме поведе со 8-15. На одморот резултатот беше 12-16.
Доминацијата на Алкалоид продолжи во вториот дел, со тоа што на почетокот, условно кажано домаќинот успеа да дојде до негатива од два гола 16-18, 17-19. Но, сето ова не беше доволно да се дестабилизира играта на македонскиот тим, кој ја одржуваше победничката разлика и на крајот сосема заслужено се радуваше на пласманот во осминафиналето.
Алкалоид противникот во осминафиналето ќе го добие во вторник за кого е закажана ждрепката.