Македонија го освои првиот бод после 16 години на ЕП (ВИДЕО)

301

Македонската женска ракометна репрезентација не успеа да дојде до победа против Турција, по голема драма мечот од второто коло на Европското првенство заврши без победник 25-25.

По слабата игра во првото полувреме, нашите ракометарки во вториот дел одиграа на нивото на кое сите очекуваа, се вратија после негативата од пет гола, имаа шанса да победат, но и да бидат поразени. На крајот бодот не е лошо сценарио, и истиот е прв после 16 години. Македонина на последните две Европски првенства има шест порази.

Сара Ристовска беше прогласена за МВП на мечот, постигна осум гола од десет обид, зад неа беа Кипријановска и Џатевска со по четири гола. Мицевска имаше седум одбрани, две од седум метри и една на самиот крај.

Лошо прво полувреме за Македонија, ако се земе бројот на технички грешки и бројот на загубени топки. Избраничките на Кристијан Грчевски имаа 11 загубени и осум технички грешки. Нашите ракометарки само еднаш поведоа во првите 30 минути, на стартот со голот на Сара Ристовска, а по одбраната на Мицевска (1-0).

Турција одржуваше позитива од три до четири гола, а потоа во 20-та минута поведе со највисоки плус пет (6-11). Грчевски повика тајм-аут, а Ристовска со три гола во низа успеа да намали на 9-11. Следеше одговор на другата страна со два гола за 9-13, на одморот со шестиот гол на Сара Ристовска, Македонија намали на 12-15.

На стартотот на второто полувреме, Турција зголеми на плус четири (12-16), беше и 13-17. Нам ни фалеа неколку врзани напади без грешки, кои ги правевме пречесто, па токму ова беше причина за нова негатива од пет гола 15-20 во 38-та минута.

И конечно, нашите ракометарки се издигнаа заиграа во вистински ритам, одбраната беше цврста. Со серија од 7-0 (два гола на Ристовска, два на Кипријановска, еден на Дамјановска, Јанкуловска и Џатевска), како и три одбрани на Мицевска (два седмерци), после долго време успеа да поведе со 22-20 во 48-та минута. Турција после 14 минути успеа да ја прекине серијата и да израмни на 22-22 на стартот на 51. минута, не искористи напад за да го врати водството.

Македонија остана со играч помалку на теренот, но Кипријановска го најде патот до голот за 23-22. Дуелот влезе во неизвесна завршница, Демир израмни на 23-23 и веќе беше јасно дека ќе биде драма во „Феникс Арената“. После 24-24 следеше серија на грешки на двете страни. Турција успеа да се снајде во хаосот и да поведе со 24-25, на голема среќа не искористи два напади за плус два. На другата страна Македонија беше четири минути без постигнат гол. На минута до крајот, Јанкуловска успеа да изнуди седмерец, Кипријановска израмни на 25-25. Турција не го искористи нападот да поведе, но целосно го искористи времето за слободен удар, Мицевска одбрани.

Нашите девојки следниот меч го играат за два дена, последен противник во групната фаза е селекцијата на Унгарија, домаќинот на овој евро-шампионат.

ПретходноФеникс конечно ја заврши лошата серија со триумф над Гостивар
СледноСара блескаше, ЕХФ ЕУРО со комплименти: Ристовска – „𝐌𝐚𝐬𝐭𝐞𝐫 𝐨𝐟 𝐭𝐫𝐢𝐜𝐤𝐬𝐡𝐨𝐭“ (ВИДЕО)