Денеска продолжуваат мечевите од Првата лига, во СРЦ „Кале“ со почеток во 19 часот е дерби дуелот меѓу Работнички и Пелистер. Најтрофејниот кошаркарски колектив во мечот од осмото коло влегува со големи проблеми поточно тешка финансиска криза. На другата страна битолчани сакаат експресно да се вратат на победнички патеки по изненадувачкиот пораз од Шкупи во последната рунда пред паузата.
Брајан Антоан пристигна во Битола летово и се наметна како еден од лидерите на Пелистер, верува дека „зелено-белите“ можат да стигнат до позитивен резултат на вечерашната дерби-пресметка во Скопје.
„Играме против квалитетен противник што го почитуваме, но она што ќе биде најважно е ние да сеприкажеме во најдобро светло. Мораме да одиграме во висок ритам во текот на сите 40 минути, да не отстапуваме без оглед каков ќе биде моментниот резултат на семафорот. Она што мора да се направи е да останеме сите заедно и да играме онака како што ја почнавме сезонава, резулатите ќе дојдат“, прококоментира Американецот за денешниот дуел со Работнички.
Покрај овие две средби денеска силите ќе ги одмерат: Шкупи и Куманово (16 часот), Чаир и Еуро Никел во 19 часот.