Новиот (стар) светски првак, Макс Верстапен, триумфираше на трката за Големата награда на Катар, претпоследната трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1, која ја одбележаа три интервенции на безбедносното возило и големата грешка на Ландо Норис.
Возачот на Ред Бул кој пред една недела ја обезбеди четвртата титула, на патеката „Лусаил“ ја постигна деветтата победа сезонава и 63-та во кариерата, откако водеше од почеток до крај.
Најблиску до Верстапен беше Шарл Леклер, кој заостануваше четири секунди, додека возачот на Мекларен, Оскар Пјастри заврши на третото место на подиумот.
Норис, инаку, беше во конкуренција за победа до десет круга пред крајот, но бидејќи не ја намали брзината кога беа истакнати жолтите знамиња на патеката, доби стоп-го казна од 10 секунди и падна на последната позиција. На крајот целта ја мина на 10. место.