Ливерпул го совладаа Манчестер Сити со 2:0 во големото дерби од 13. коло на англиската Премиер лига и веќе сериозно се оддалечува од конкуренцијата на врвот на табелата. „Црвените“ комплетно го надиграа шампионот, имаа безброј шанси за гол, но реализираа само две, што веројатно е среќна околност за момците на Пеп Гвардиола, кои вечерва на „Енфилд“ можеа да доживеат вистински дебакл.
Ливерпул го започна дербито во турбо ритам и уште на стартот ги принуди гостите да се бранат. Тимот на менаџерот Арена Слот доминираше, а шансите пред голот на „граѓаните“ се редеа една по друга. До првиот гол навивачите чекаа 12 минути, кога Мохамед Салах со перфектно додавање од десната страна го пронајде Коди Гакпо на кој не му беше тешко од непосредна близина да ја смести топката во мрежата на гостите.
Ливерпул продолжи да ита кон голот на Сити, но до полувремето не реализираше уште две 100% шанси преку Ван Дајк.
Во вториот дел Гвардиола се обиде да ја забрза играта на својот тим внесувајќи ги Доку и Савињо, но и тоа не донесе резултат. Ливерпул имаше уште два зицера преку Гакпо и Салах, но не успеа да зголеми, се до кобната грешка на искусниот Вокер, кој ја загуби топката пред налетот на Диаз, а Ортега остана само да го собори Колумбиецот по што беше покажано на белата точка.
Салах ја презеде одговорноста и ја испрати топката во голот за конечни 2:0.