Реал Мадрид го победи тимот на Гетафе со 2-0 во рамките на 15. коло во Ла Лига. Избраниците на Карло Анчелоти имаат 33 бода, еден помалку од лидерот Барселона, но и меч помалку.
Искусниот стратег на „кралевите“ беше задоволен од играта на својот тим.
„Игравме со доволно баланс и расположение. Јас сум задоволен. Белингем имаше проблем со вратот и не можеше да продолжи. По 75. минута дозволивме пад на учинокот, но тоа е нормално. Пропуштивме многу можности да го затвориме натпреварот“, сподели Анчелоти.
Стрелци на головите беа Белингем, кој стрелаше од белата точка, а тренерот на Реал објасни зошто Мбапе не го извел пеналот. Францускиот репрезентативец инаку беше стрелец на вториот гол.
„Винисиус го немаше, па Белингем го изведе пеналот. Другата опција беше Мбапе, но овој пат одлучивме тоа да го стори Џуд. И покрај проблемите со повредите, играчите се трудат на секој натпревар и тоа ме прави уверен дека работите ќе си дојдат на свое место. Постепено ќе ги решаваме нашите проблеми“, нагласи Анчелоти.