Фудбалерот на Ливерпул, Мохамед Салах следното лето ќе биде слободен играч, а од јануари ќе може отворено да преговара со кој било друг клуб.
Извонредниот крилен напаѓач и оваа сезона ужива и не крие дека би сакал да остане во Ливерпул. Тој е доста транспарентен кога зборува за својата иднина, посочувајќи дека се уште не добил конкретна понуда да остане во клубот. Сето тоа додека има 13 постигнати голови и 11 асистенции во сите натпреварувања.
Навивачите на Ливерпул се нетрпеливи и сите го делат истото мислење – Салах мора да остане на „Енфилд“ уште најмалку две-три години. Но, според информациите на „Тим“ има многу големи шанси кариерата да ја продолжи во ПСЖ.
Наводно, парискиот клуб и Египјанецот биле во контакт подолго време, но никогаш немало ваква можност да се соберат. Првиот човек на Париз, Насер Ал Келаифи има одлични односи со Мохамед Салах, а контактите се подобрени преку медиумите, поточно популарната телевизија „beIN Sports“, која е во сопственост на Ал Келаифи. Имено, Салах е чест гостин пред камерите на оваа куќа на големите натпреварувања, што е токму резултат на врската меѓу него и првиот човек на ПСЖ.
Францускиот гигант ги демантира информациите на „Тим“, сметајќи дека веста е објавена со цел да се зголеми притисокот врз Ливерпул да ги забрза преговорите со својот најдобар играч.
Доколку Салах навистина го продолжи договорот со Ливерпул, тоа ќе биде за две или три сезони и Пари Сен Жермен повеќе нема да има можност да го ангажира, имајќи предвид дека крилниот напаѓач ќе влезе во последните години од кариерата.