Пишува: Зоран Ѓоршоски
По цели две години Струга ТЛ е симната од пиедесталот како најдобар клуб во Македонија. И дефинитивно по вчерашниот и тоа како убедлив пораз на Чаир, од Шкупи со 3:1, Струга ТЛ една полусезона по цели две години нема да ја заврши како прва, како есенски првак или на крај како шампион во ПМФЛ.
Во сезоната 2022/23 беше есенски првак а на крајот шампион. Лани ова време се славеше есенска титула во Струга за сезоната 2023/24 а на крајот во мај и вистинската титула.
Сега сеуште актуелниот шампион на коло пред крајот на есенскиот дел е во минус од 7 бода во однос на лидерот Шкендија. Посебно болат двата порази од Шкупи со по 3 гола или вкупно шест, и оној од Силекс дома со 1:4.
Ова не е Струга ТЛ како што сите ја знаеме. Оваа Струга ТЛ ни од далеку не личи на шампион. Кога победува тоа го прави едвај оваа есен, ама кога губи, како со Силекс и Шкупи, мрежата на шампионот се тресе и се тресе.
Се разбира дека до крајот на сезоната има уште 16 кола, многу бодови се во игра. Се разбира дека за пролетниот дел ќе се смета и на повредените Буњамин Шабани и Бесмир Бојку, кои се клучните играчи на тимот, но и оваа Струга ТЛ мораше подобро.
Тоа е факт и тука нема ништо спорно.
Вчера на Маџари, во дербито на колото, во кое силите ги одмерија Гостивар и Силекс се случи невиден судиски криминал.
Ова беше меч кој можеби решаваше за есенската титула, ова беше меч кој можеби ќе решава и за титулата во мај, но ова дерби и тоа како го расипа Марјан Младеновски. Тој е судијата кој директно го оштети Гостивар ако се знае дека не покажа чист пенал за домашните кога еден играч на кратовци играше со рака во својот казнет простор. Тоа сите го видоа, па дури и играчот на Силекс кој беше “виновникот“ во прво време беше шокиран од тоа дека нема пенал, за да потоа направи гест – абе ајде, кај видовте пенал!
Страшно. Ова беше ТЕЖОК КРИМИНАЛ. Оној кој ги познава работите во мак – фудбалот ќе знае што сака авторот да каже. Оној кој не ги познава, тука не можеме да помогнеме.
Се случувале грешки, и тоа како во нашата ПМФЛ. Но ова е нешто друго. Тука и ВАР немаше да помогне, ќе не правеа сите будали дека не гледаме убаво.
Ова беше намерно, ова судијата Младеновски намерно не сакаше да го види.
Со овие 0:0 Гостивар најверојатно нема да биде есенски првак, а што ќе биде ако токму овој пенал решава на крајот кој ќе биде шампион во оваа сезона 2024/25?
Ние не велиме дека Силекс не заслужува да биде првак. Но што ако навистина тие два бода за Гостивар или тој бод на Силекс решаваат.
Тука се засегнати и Шкендија и Работнички, па можеби и Струга ТЛ.
Како ли тогаш ќе се “исперат“ Младеновски и Комесарот за делегирање на судии Марјан Ристевски.
Тоа е човекот кого веројатно 10 или 11 клубови во ПМФЛ не сакаат очи да му видат.
И ставајте веќе ВАР!
Аман…