Пелистер вечерва (20:45 часот) на домашен терен го пречекува Висла Плоцк во рамките на 10. коло во Лигата на шампиони. За актуелниот македонски првак ова е можеби најважниот меч во битката за шестото место на табелата во групата А кое води во следната рунда.
Двата тима имаа по четири бода и ја делат посакуваната позиција со тоа што гостите имаат подобра гол разлика. Првата средба во Плоцк заврши со убедлива победа на противникот. Во таборот на Пелистер се свесни за тежината на последниот меч за оваа година во ЛШ, посакуваат триумф за полесно чекорење кон пласманот во следната рунда.
„Најважен натпревар за нас. Висла веќе неколку години гради екипа. Јас кога бев Кjелце, Висла се развиваше. Јас сум навивач на Киелце, но Висла се труди да стане сериозен тим на европска сцена. На теренот ќе дадеме се од себе да победиме. Верувам дека сме подготвени, со новиот тренер добивме ветер во грб, и мислам дека сме на добар пат да покажеме колку можеме. Најважно е да останеме срце на терен. Четири бода многу ни значат, но мислам дека можевме да имаме повеќе бодови. Но, мораме да признаеме дека можевме да имаме и помалку. Лани немавме бодови, сега имаме, така да мислам дека е направен некој исчекор. Целиот град е со нас, и мислам дека главната цел е да се мине групната фаза. Овој град заслужува тоа“, изјави Филип Ивиќ.