Вечерва во Кавадарци во меч од 13.коло во нашата ракометна Суперлига, составот на Тиквеш со 23:19, успеа да го победи Пролет. Ова беше шестата победа на кавадарчани сезонава и шестиот пораз на тимот на Пролет.
Домашните во првиот период беа подобри, го добија со 14:10 и се чини дека тоа беше решавачко за победникот на оваа средба. Гостите се обидуваа да фатат резултатски приклучок, но тешко им одеше. Може да се пофалат дека го добија второто полувреме со 8:9, но секако дека тоа беше недоволно да се загрози победата на Тиквеш.
Во секој случај заслужена победа на четата на стратегот Грчевски.
Кога сме кај стрелците треба да се каже дека кај домашните најефикасен беше Обина со шест голови. Импресионираше голманот Арсиќ со 15 одбрани. Кај гостите Андоновски и Палевски постигнаа по четири голови.