МЗТ Скопје нема да има шанса да се бори за место во АБА-лига. Актуелниот македонски првак не одигра според очекувањата и на крајот чекаше услуга од останатите, истата не се случи, откако Цедевита Јуниор победи против Хелиос и го остави тимот од Аеродром само да сонува за јадранската елита.
Иако на сите во тимот им стана јасно дека сезоната ќе ја завршат без да се пласираат во следната рунда, сепак дојдоа до победа против Тиват и тоа благодарение на добрата игра во првата четвртина. Противникот во последните десет минути на кратко се врати, но на голема среќа МЗТ Скопје успеа да се справи со притисокот и да запише само втор триумф.
„Добар натпревар за нас, особено по добро отворената прва четвртина. Важна победа, но горчлива, бидејќи не напредувавме. Честитки за тимот на Тиват, им посакувам среќа во остатокот од лигата, па ќе се видиме во друга прилика“, изјави по мечот Васко Атанасов.