Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим немаше причина да биде среќен по вториот последователен пораз на неговиот тим, овој пат против Нотингем (2:3) на „Олд Трафорд“. Тој призна дека беше тежок натпревар во тешко време, но останува оптимист и знае дека има долг пат да се оди.
„Тешка игра, почнавме многу лошо. Примивме рано гол и во првото полувреме беше тешко да се бориме. Ја контролиравме играта и имавме многу шанси. Го подобривме движењето во последната третина и успеавме да израмниме. Бевме подготвени по паузата да ја бараме победата, за жал, почнавме многу лошо и примивме два гола, а потоа пробавме многу работи, но без доволно класа.
Не создадовме многу шанси за гол. Тежок натпревар во тешко време, но мораме да продолжиме да работиме. Долг е патот. Се подобруваме во одредени аспекти, но мора да почнеме да победуваме за да се подобриме како тим. Почнуваме нешто големо, па затоа мораме да внимаваме на секој детал, знам дека е тешка задача, но мораме да одиме напред“, додаде Португалецот.
Манчестер Јунајтед е на 13-та позиција во Премиер-лигата, има пет победи, четири ремија и шест порази.