Денеска од 13 часот, во меч од 18.коло, во Кратово се среќаваат Силекс и Вардар. Некогашни шампиони кои заедно “тежат“ 14 титули во самостојна Македонија. Ова ќе биде дуел на два лути ривали, две екипи кои и тоа како имаат амбиции да дојдат до бодовите.
Ова ќе биде нивни 77-ти меѓусебен дуел, а низ историјата Вардар е тој што најчесто победувал и тоа 38 пати, или на секој втор меч меѓу овие две екипи “црвено – црните“ се радувале.
Силекс успеал да триумфира на 19 средби а исто толку завршиле без победник. На последните шест кратовци двапати триумфирале, Вардар еднаш а двапати било реми.
Тоа е минато, секако дека најважна е сегашноста. А таа вели дека Силекс ако победи има шанси да биде и есенски првак, но мора под Шара во дербито да се надева дека Шкендија нема да победи.
Вардар пак ќе даде се од себе, ќе се обиде да го даде максимумот со цел да дојде до бод(ови). Секој гол, секој бод, секоја победа за тимот на Гоце Седлоски е злато вредна, па така и денеска Вардар си има свои амбиции.
Според местата на табелата веројатно Силекс е фаворит, ама кој може во Македонија да биде сигурен и голем фаворит ако против себе го има нашиот најтрофеен и најголем клуб?
Секако дека се очекува голема битка на Градскиот стадион во Кратово, ќе се води битка за секоја педа од теренот со цел да се дојде до остварување на своите амбиции.
Силекс против Вардар, меч за жал кој ќе биде без присуство на гледачи