Пелистер на паузата во Лигата на шампиони оди како шестопласирана екипа во групата А со шест бода, има два бода повеќе од Висла Плоцк, директниот конкурент за оваа позиција и четири помалку од Динамо Букурешт. Во десет натпревари во ова натпреварување, актуелниот македонски првак оствари две победи, две ремија и шест порази. По победата над полскиот првак на домашен терен во 10-то коло, битолчани имаат право да се надеваат на пласман во следната рунда, покажаа дека овој состав навистина има поголем капацитет од тоа што го гледавме на почетокот.
После 10 кола во ЛШ ја погледнавме индивидуалната статистика. Филип Кузмановски засега одлично ја спорведува улогата на капитен во таборот на битолчани. Тој е прв стрелец во редовите на Пелистер во ова натпреварување со 61 гол.
Со оваа бројка тој се најде на шестото место на листата на најдобри стрелци во ЛШ, до 61 гол дојде од 104 обиди или во проценти тоа изнесува 58.6%. На првото место во овој поредок е Шоштариќ со 72 гола или 78.3% реализација.
Кузмановски се најде во Топ 10 листата на најдобри изведувачки на удари од седум метри, постигна 14 гола од 21 обид или во проценти 66%.
Не се само головите кога станува збор за капитенот на Пелистер, тој високо котира и на листата на најдобри асистенти. Во десет меча има 29 асистенции или речиси три по меч, што го однесе на петтото место во оваа категорија.
Од членовите на Пелистер високо котира и Никола Митревски. Репрезентативниот голман своите квалитети ги потврди на последната средба против Висла кога запиша 13 одбрани, по што се најде во тимот на колото.
Митревски е на седмото место во вкупни одбрани, на девет меча стигна до бројката од 83 или во проценти 30.51, зад него е Дејан Милосављев. Митревски е осми во одбранети удари од седум метри, од 11 уаптени удари четири успеал да ги одбрани.
Пелистер со мечевите во ЛШ продолжува на средината на февруари кога ќе му гостува на Спортинг, до крајот на групната фаза ќе се сретне со Динамо Букурешт, Фуксе Берлин и ПСЖ.